September 02, 2007

Маалски сеирчења

Група луѓе се собрале пред маало и се надвикуваат, онака безевезе, неартикулирано.
Три девојки одат низ паркот и се смеаат хистерично, најверојатно си ги раскажуваат случувањата од вчеравечер.
Комшијата и комшивката цела ноќ го тресеа креветот, голема галама дигаа, сменете го креветот.
Маалската џукела задави едно маче, мачето искрвари и умре.
Под мојот прозор има едно дрво, вчера некој му ги исекол гранките, изгледа правел ајвар.
Слушам звук на некое моторче и ужасно ме нервира галамата која ја создава, најверојатно некоја ТОМОС крнтија.
Група деца брзо одат накај интернет клубот, зборуваат за некоја игра.
Маалската џукела ја задави и мајката на малото маче, умре и таа.
Денес врнеше, брисачите на колата на комшивката се расипани, таа се нервира бидејќи нема да може убаво да гледа преку шофершајбната додека вози до работа.
Денес низ цело мало се чувствува чадот кој го создаваат пиперкарите, затворам прозори под итно.
Веќе неколку дена ја нема маалската џукела, одеднаш се изгуби, мачките можат да бидат мирни се додека не се појави некоја нова џукела.
Комшијата и неговиот колега од работа со тешка мака качуваат чичка нов кревет по скалите, до трет спрат.
Пак се собрале пред маало, повторно се дерат, повторно истата глупост.

No comments:

Post a Comment