September 06, 2007

Не сакам да бидам владетел, не сакам да бидам мецена

Рамзес, Гај Јулије Цезар, Наполеон Бонапарта, Александар Македонски, Сулејман Величествениот, Џингис Кан, Хитлер, Петар Велики, јапонски и кинески императори, британски кралеви... сите се личности кои и денес се глорифицираат, поточно пренесена и преземена е глорификацијата која им ја давале нивните лични биографи во времето на нивното живеење, со исклучок на Хитлер кого историјата донегде реално го претставила него и неговите дела. Во суштина сите овие историски личности, се немилосрдни поробувачи, мегаломани, екстремни егоисти, а и одлични воено-политички стратези за времето во кое живееле.

Некои од владетелите биле и покровители на уметнички и архитектонски дела, но јас не гледам ништо што кај сите нив е вредно да се глорифицира, иако биле мецени. Нивна заедничка особина е желбата за неограничена моќ, со која би се изедначиле со богот во кој веруваат, вклучувајќи го и Хитлер со неговите експедиции за откривање на митски предмети. Сето она што тие го направиле се мери единствено со тони пролеана крв, и мизерија и тага за секој оној кој бил обичен човек, тоа е основниот резултат на сите нивни дела. Најчестата жртва секогаш им бил обичниот човек, а одземањето на неговиот живот психички и физички, била валутата со која ги плаќале сите таканаречени, величествени дела. Дали вреди некој кој е причина за толку многу уништени животи низ историјата, да биде и денес глорифициран до митски граници? За секое уметничко и архитектонско ремек дело на кое тие биле мецени има една единствена исконска вистина, милионите човечки животи кои ја претставуваат единствената дадена жртва од страна на мецената за да би можело да биде создадено тоа дело. Почеток на поход, освојување територија, воен плен, пљачкосување на ризниците, даноци, и како краен резултат доаѓа страшната финансиска моќ која овозможува создавање на “ремек дела“. Сите тие ремек дела имале само една инспирација и цел, глорификација на личноста која го наредила нивното создавање, ништо повеќе. Ги има многу, Пирамидите, Сулејмановата џамија, раскошните катедрали и цркви низ Европа, црквите со позлатени покриви во Русија и Украина, Ла Лувр, Обеликси, итн. Тие многу повеќе претставуваат немилосрдни споменици преку кои владетелот го запишал своето направено зло, отколку ремек дела кои имаат врвна уметничка вредност. Тоа им е единствената вистинска вредност, па кога ќе дојдете до контакт со такво дело не се восхитувајте на владетелот-мецена и авторот, восхитете се на сите тие луѓе кои умреле или го истрпиле сето она што претходело и следело за неговото создавање.

Од историјата за нив и нивниот начин на владеење може многу повеќе да се научи што човек не треба да прави, отколку од читањето на десетте божји заповеди. Затоа аман од глорификација на делата и личноста на оние кои во основа се убијци, психопати, самопрогласени богови и лудаци, кои по ништо не се разликуваат од еден Хитлер, освен по годината во која живееле и “твореле“.

6 comments:

  1. Можно е ова да ти било објавено и порано, ама не сум го прочитал. Затоа, ќе си искоментирам сега и овде - сосема си во право друже Бунка! :)

    ReplyDelete
  2. Нормално дека е објавено, богами и во дневен весник е објавено. Сега не ме објавува никој, неозбилен станав, за да не ме објавуваат. :P

    ReplyDelete
  3. Хех,....

    Јас важно го прочитав. :)

    Ние да не те неуозбиливме? :))

    ReplyDelete
  4. Кој е крив? Мечката ли е крива? :P

    ReplyDelete
  5. Мечката игра оро. Не ја вознемирувај сега. Може да стане незгодна. Мислев, ќе се уозбили ептен. :)

    ReplyDelete