July 03, 2008

Пепел во пампурот

Мелев пиперки, од оние црвените, ајвар-пиперките. Како дете многу го сакав тој дел од спремањето ајвар, ставаш цела пиперка, а излегува нешто друго кое веќе не личи на пиперка, само бојата останала, црвената боја. Многу сакав да го потпалувам и огнот, онака...прво хартија, а врз неа тенки дрвца, па врз нив дебелите дрва. Ќе ја земев жолтеникавата кутија кибрит, ќе извадев едно шкорче и ќе го повлечев врз онаа рапава површина која создаваше мали искри кога фосфорот и рапавото грубо ќе се допреа. Ќумбето(или пампурот?) како едвај да чекаше да се потпалат дрвата и да почне го скротува и насочува огнот. Секогаш пазев, но еднаш се изгорев, а незнам дал ме изгоре огнот или пампурот. Не ми сметаше болката која извираше од местото на кое имаше плик, изгореница. Ми пречеше чувството на вина кое ми се појави поради мојата невнимателност...

Тенџерето беше секогаш поставено врз ќумбето скоро во совршена симетрија. Она што порано беа пиперки сега беше густа смеса во која се случуваа невидливи хемиско-физички реакции...предизвикани од огнот, од пампурот или од дрвата.

Ајварот скоро и да беше готов, а пампурот секогаш бараше уште, уште и уште. Одма по него огнот се дереше на цел глас:

- Дајте уште дрва!

Скоро секогаш му помагав на огнот и ќумбето, секогаш им давав уште и уште дрва. Секогаш кога можев несебично ги одржував во врска...но дрвата постепено се намалуваа, а во еден момент и комплетно исчезнуваа. Кога дрвата ќе исчезнеа им ја подавав и хартијата која уште побрзо исчезнуваше...

Долго останував да го гледам пампурот во очекување да пушти глас, но никогаш повторно не прозборе, пепелта лежеше во него, пепелта го загушуваше секогаш кога огнот ќе исчезнеше. Пепелта не го даваше својот пампур се додека не се појавеше некој нов оган, од нови дрва, од нови листови хартија.

Technorati Tags: , .

1 comment:

  1. ...please where can I buy a unicorn?

    ReplyDelete