March 23, 2012

Разговор со Полжавот

Полжавот: А нема да ме изедеш, нели?
- Јебига, животот некогаш е срање, некогаш е гомно, но најчесто е проблематичен. Но ти немаш такви проблеми, се појавуваш по дождот додека сите се скриени во своите домови и го чекаат сонцето да светне повторно.
Полжавот: Нема да ги изедеш ни моите роднини, нели?
- Не ме прекинувај, кога ќе ме прекинеш повторно чувствувам голема желба да почнам од почеток, иако тоа значи дека ќе ги повторам истите зборови и истите дејства по којзнае кој пат во животот. Ете секој ден повторувам една иста работа, јадам три пати на ден.
Полжавот: Те молам пази да не ме згазнеш.
- Па и да те згазнам, ќе се роди некој нов полжав кој ќе биде многу сличен на тебе и во ликот и во гласот и во изгледот на куќичката. Знаеш ти завидувам на таа твоја куќа, каде и да одиш ти секогаш си во својот дом. Јас секогаш морам да се вратам за да бидам во мојот дом. Но дали е дом ако не можам да го носам со мене каде и да одам?
Полжавот: Многу ми е страв да не влетам во полжавска чорба, премногу се плашам.
- Ех, страв…страшно е кога немаш дом, страшно е кога бегаш од дождот, тоа е страшно. Не е страшна чорбата! Домот е секогаш со тебе и никогаш не бегаш од дождот иако знаеш дека некој може да те згазне или да те пикне во торбата со другите твои роднини.
Полжавот: Еднаш успеав да избегам од таква торба, си направив дупка на торбата. Покрај мене се спасија уште многумина, имаа доверба во мене. Јас сум полжавчето херој!
- Мислев само ние луѓето бегаме, но не спасуваме никого додека бегаме, а потоа сакаме да не прогласат за херои и спасители. Она што највеќе го мразам е да бегам, но некогаш бегаш без и да си свесен за тоа. Некогаш некој ќе те избрка, а ти си убеден дека бегаш, дека ти си тој кој немал храброст да се соочи со дождот и со сонцето, и повторно си на почеток, повторно довербата била неоправдана.
Полжавот: Кажи ми дека не сакаш полжави на скара, кажи ми те молам. Гледај во часовников и повторувај по мене: Јас не сакам полжав на скара, јас не сакам полжав на скара, јас не сакам полжав на скара…
- Но јас навистина не јадам полжави, ни печени на скара, ни во чорба. И пак ме прекина, нели ти кажав не ме прекинувај. Сега пак морам од почеток да почнам, а веќе немам дожд. Како сега да почнам од почеток кога дождот ми избега?!
Полжавот: Не сум јас крив поради тоа, те молам остави ме да си живеам и да си се влечам по патот како и секогаш, те молам…
- Знаеш…никогаш и немав намера да те згазнам или да те пикнам во торба, па потоа да побегнам во мојот дом, а таму во мојот дом да те пикнам во лонецот за чорба. Приказната за Ивица и Марица која ти ја кажувале твоите родители не е таа…

No comments:

Post a Comment