April 23, 2012

Сублимат

Од кој момент е најдобро да се започне една свежо раскажана приказна? Од крајот, па да скокнеш на почетокот кој потоа постепено ќе го движиш кон крајот, или не…Горе на небото минува некој авион. Знам авион е, ја остава онаа бела трага позади него. Оди малку право, па потоа благо врти надесно. Ах да, вчера си купив мед, од оној природниот ливадски мед. Тоа е оној кој брзо се кристализира, тоа е доказ за неговата природност, така ми рекоа одамна.

Преполна ми е главава со ненапишани текстови, текстови, текстови… Битно ли е ако изберам само еден и го постирам? Ќе смени ли тоа нешто или пак ќе има само празен простор? А ако вметнам слика, нели велат сликата е како 1000 збора? И пак на почеток, нема промена…повторно само 1000 збора вметнати во празен простор, а во тој празен простор луѓето ја кројат единствено туѓата судбина, судбината на другиот, но скоро никогаш својата. А јас мислев дека било обратно, но сум грешел, лажеле оние кои зборуваа обратно…кругот е променлив, но тоа ништо не менува, само статистите се различни, а по првото чувство на надеж се се враќа повторно на истото, на небитнотo живеење. А потоа повторно чекајќи ја, барајќи ја неа, почнува она небитното…

Седев на сам на клупата, утро е. Ноќта ја поминав заспан на клупата, потполно исто како и француските клошари покриени со весник иако ликот сеуште не ме опишуваше како бездомник-клошар. Ми пријде…ме бакна и ми рече:

- Вие сте убав.

Во својата наивност помислив дека во тоа бездруго има и малку вистина. Мислев дека сум спасен.

- Ѓаволче од порцелан.
- Зошто ѓаволче?
- Реков од порцелан.
- Ѓаволче ме збунува!
- Порцеланот објаснува се!
- Дали судиш по духот или по изгледот?
- И по едното и по другото.
- И што е што.
- Тешко е да се оддели едното од другото.

Ми се причини дека паѓам во пенумбра. Дожд… Да го засакав дождот, нека врне, нека врне и нека се слуша неговиот звук. Ќе одам денес по дождот, пеш без чадор, немам што да измијам од себе, но сепак за секој случај…

Чудно, но првата работа која наутро ја правам е да се качам на дрво. Качувајќи се, капките роса од лисјата се префрлаат на моите раце. А лисја ко лисја, не се бунат, како да ми велат:

- Има доволно за сите, еве ти малку и тебе.

Откако ќе се качам на врвот на дрвото, ќе седнам на најдебелата гранка, и почнувам да плачам. Плачам се до моментот кога сонцето ќе ги исуши капките роса од мене.

Една ноќ седев на плажата, почнав да го собирам песокот во еден куфер, скоро и да завршив…но одненадеж морето донесе бура, бурата донесе ветер, а ветрот ми го зеде мојот песок. Седнав на клупата во мојот двор, со испразнет мозок, никаква мисла не се вртеше ни лево ни десно, тоа беа моите моменти на бегство од се и секого. Егоистичката агонија ми измами крик:

- Поблагословено да бидеш измамен без да знаеш!

Клупата беше со темно-кафеава боја, лесно се забележуваше дека е одамна фарбана, бојата беше бледа и на некои места изгребана. Никогаш не ми пречеше допирот на рапавоста на тие рапави делови од клупата, познато ми е тоа чувство на рапавост. Сам лежеше до мене. Под мене мислам на се што не зависело од мене, под мене мислам на се што другите зборувале за мене, под мене мислам не се што сум сакал, мразел и љубел, под љубел мислам на тебе во минатото.

Сам беше моето куче.

No comments:

Post a Comment